Зошто Груевски се откажува од Македонците во Грција?

Zarko Trajanoski

Еве што напишал Груевски во својата колумна за „спогодбата“ со Грција: „За да дојде до таа Спогодба ние сменивме знаме и устав, и се откажавме од грижа за нашето малцинство, само за да не бидеме попречени од Грција при наше зачленување во меѓународни организации, на што Грција се обврза“.

Точно е дека сменивме знаме и устав, но од грижа за нашето малцинство не се откажавме.

Во Уставот сеуште пишува:

Член 49

Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив.
Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Републиката во странство.

Овој член не беше изменет, туку беше дополнет со АМАНДМАН II:

1. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Значи, сеуште премиерот има уставна обврска да „се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија“, да „го помага нивниот културен развој“ и да „ги унапредува врските со нив“.

Зошто Груевски тврди дека „се откажавме од грижа за нашето малцинство“ во Грција? Зарем со таквата изјава не се откажува од припадниците на македонскиот народ во Грција? Дали Груевски не го познава Уставот (иако има положено заклетва дека ќе владее согласно Уставот), или пак намерно манипулира со светската и македонската јавност?

ДУИ се припои кон ВМРО – ДПМНЕ

Zarko Trajanoski


Припојувањето продолжува. Откако ВМРО-НП и ВМРО-Обединета се припоија кон ВМРО-ДПМНЕ, централниот комитет на ДУИ донесе одлука и „интегративците“ да се интегрираат во ВМРО-ДПМНЕ.

„ДУИ значи Демократска Унија за Интеграција, па затоа е сосем нормална и очекувана одлуката демократски да се интегрираме во Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ“ – изјави Алтан Грубијанов, кој стана нов портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

И за аналитичарите од „Павел Шатев“ и „Димитрие Чуповски“ нема ништо неочекувано во одлуката на ДУИ за интегрирање во демократската партија за македонското национално единство: „Со донесувањето на законот за амнестија на воените злосторници од УЧК, и со договорот за нивно пензионирање, беа отстранети сите препреки за демократско интегрирање на ДУИ во ВМРО“ – изјавија од „Павел Шатев“. „Очекуваме трендот за припојување во ВМРО да продолжи, и примерот на ДУИ да го следат и ДПА, НСДП, ЛДП, и СДСМ. Кој не сака да се припои во ВМРО-ДПМНЕ, тој е очигледно противник на македонското национално единство и изрод од славната Гоцева раса. За такви предавници не би требало да има место на македонската политичка сцена“ – изјави експерт од институтот „Димитрие Чуповски“, кој сакаше да остане анонимен.

Од новата обединета ВМРО-ДПМНЕ најавија повеќе активности и проекти со кои ќе се одбележи постигнувањето на македонското национално единство: заедничко денско градење и ноќно рушење на снежна црква-музеј на скопското Кале; Вевчанско-Велештански карневал со националистички оргии и палење на знамиња; национален конкурс за најдобри графити на теми „Голема Македонија“ и „Голема Албанија“; навивачки карван на кој ќе се презентира навивачката култура на обединетите антички Македонци, „лишена од деструкција, а преполна со позитивни емоции“.

(непара вести)

Најгрдата фасада

Zarko Trajanoski


Погледнете, уверете се сами. Зградата на ВМРО-ДПМНЕ има најгрда фасада во центарот на Скопје.

„Пастирот“ слободно може да си распише конкурс, и стадото да му гласа дали сакаат барокна, хеленистичка, неолитска, фалангистичка фасада, или пак да им остане исто толку грда како што е сега.

Но, „преродбениците“ со најгрда фасада друго сакаат.

Сакаат да продолжат да го силуваат центарот на Скопје. Сакаат да продолжат да се изживуваат врз граѓаните на општина Центар, затоа што на последните избори изгубија со 3 илјади гласови.

Фрлија стотици милиони евра во општина Центар за „Скопје 2014“ и пак изгубија.

Лустрација или политичко-полициска злоупотреба?

Zarko Trajanoski


Лустрацијата продолжи да се спроведува без потпишан документ за соработка со тајните служби, претворајќи се во морбидна карикатура и инструмент за политичко-полициска злоупотреба.

Една провладина ТВ на 4-ти август 2011 објави: „Денеска на седницата која траеше повеќе од два часа, присуствувале 9 членови. Но, кога требало да се гласа тројца членови ја напуштиле седницата и за решението гласале 6-мина.“ (Канал 5). А што им изјавил претседателот на комисијата со истечен мандат на новинарите: „ - „... нема проблеми во гласањето“ (Алфа); „А некои што излегоа - тоа е тип односно начин на гласање“ (Телма).

Неколку часа подоцна, испадна дека „тази гласање не било гласање“. Претседателот на комисијата со одамна истечен мандат даде сосема друга изјава откако повторно итно била свикана Комисијата за верификација на фактите: „- Некои членови во моментот на гласањето излегоа и тогаш не беше констатирано кој влезе, кој излезе... “ (Алфа). Откако му било укажано со допис дека „за време на гласањето го немало потребното мнозинство“, тој се попишманил па решил да прегласуваат.

По којзнае кој пат, без срам и перде, комисијата за „лустрација“ се мајтапеше со процедурите и со правата на лицата кои мора да потпишаат изјави за несоработка (иако најголем дел од тие што мора да потпишат не знаат што е соработка, ниту пак што значи „таен соработник“ и „таен информатор“). Според Деловникот на Комисијата за верификација на факти (која брои 11 члена), „Комисијата може да одлучува ако на седницата присуствуваат повеќе од две третини од членовите на Комисијата.“ Нејсе, претседателот самоволно си одлучил дека може да се гласа дури и ако се присутни само шест члена од единаесет (во комисијата „демократски“ се гласа за „фактите“?!?). Цврсто го бранеше својот став пред медиумите дипломираниот правник со истечен мандат. Го бранеше, едно два-три часа. Потоа се „покаја“ пред истите медиуми, и призна дека „...за време на гласањето го немало потребното мнозинство и ние прегласувавме“.

Паметам, едно време „добронамерните“ предлагачи на законот за „лустрација“ не убедуваа дека нема да настрадаат „лица поради кафеански муабети“, туку „оние за кои има документ и кои потпишале изјава дека ќе соработуваат со службите и кои навистина го правеле тоа“. Сега сме сведоци како страдаат лица од кафеанските муабети меѓу новинарите и членовите на комисијата за лустрација, а потоа истите лица се лустрираат со „демократско гласање“ без постоење на потпишана изјава дека соработувале со тајните служби. Предлагачите на законот се скандализираа како е можно да се гласа дали некој бил соработник: „Самата логика на Законот за лустрација, не подразбира гласање, факти има или нема, тие не се предмет на субјективно толкување“ – не убедуваше еден од пишувачите на законот. Арно ама, лустраторите си имаат деловник, па демократски си гласаат „кодоши“, и ич уво не ги боли за оние што го пишувале законот. Баш им е гајле за предлагачите на законот кои не уверуваа дека неопходен услов и основен документ за лустрација ќе биде писмена изјава - писмен документ со кој некој/а прифаќа да биде соработник.

„Дневник“, според „неофицијални информации“ објави дека „тројца членови на Комисијата ја напуштиле седницата оти не се согласувале со оценката на останатите шест члена дека информативен разговор е доволно силен доказ некој да биде прогласен за кодош.“ Можно ли е како доказ за „соработка“ да се користат непотпишани, парафразирани изјави од принудни информативни разговори на полицијата со жртвите на оперативна обработка, кога самите информативни разговори претставувале акти на повреда на човековите права на жртвите, дел од нивниот идеолошки прогон?

Познато е дека тајните југословенски служби имале задача да произведуваат државни непријатели, тоа им било во описот на работните места на оперативците. Нејсе, наместо прво да донесеме и спроведеме закон за рехабилитација и обештетување на жртвите кои своевремено биле жигосувани како „предавници“ или „странски платеници“, почнавме да спроведуваме закон кој почна да ги лустрира поранешните жртви, и практично да ги амнестира нивните прогонувачи. Лустраторите отидоа дотаму, што почнаа да пронаоѓаат докази за „соработка“ единствено во досиејата на жртвите, отворено и јавно признавајќи дека немаат никаков друг доказ, никаква потпишана изјава за соработка, ниту пак документ од било која служба кој потврдува дека лицето било таен соработник. Практично „лустраторите“ почнаа да водат постапки за верификација на „факти“ исклучиво на соработници, дури и пред да ги дочекаат „фактите“ од службите за безбедност. Имено, нестрпливите „лустратори почнаа да верификуваат „факти“, потпирајќи се единствено на податоците од досиејата на жртвите, податоци кои се добиени со флагрантно кршење на нивните човекови права – со принуди, уцени, притисоци, закани, измачувања, а неретко и со бескрупулозни облици на тортура. Уште нешто - наредбодателите и корисниците на информации ги заборавија, а нели токму тие беа главните прекршувачи на човековите права?

Какви последици ќе има решението на Комисијата за верификација на „факти“, кое се темели на индивидуални проценки и толкувања, на податоци од принудни информативни разговори (непотпишани), извлечени од личните досиеја на жртвите, и без постоење на каков и да е друг документ или изјава за соработка со службите? Со ваквите инквизиторски постапки на комисијата за „лустрација“ практично ќе бидат обесхрабрени и замолчени жртвите на тајните служби, кои имаат законска можност да поведат постапки за лустрација против повредувачите на нивните права. Сега, по самоволните толкувања на Комисијата на лустрација, секоја жртва што била принудена да оди на информативен разговор, ќе се плаши да покрене постапка за лустрација, затоа што сосема лесно може да биде прогласена за свесен соработник на тајните служби. Ваквата процедура за лустрација им втерува страв на поранешните жртви, а ги охрабрува поранешните регистрирани соработници на тајните служби, нивните наредбодавци и корисници на информации, да продолжат со јавна и паланечка дискредитација на жртвите преку методите на медиумско и интернетско „кодошење“ и клеветење.

Зошто ваквата лустрација ја сметам за морбидна карикатура? Нема услови за лустрација ако не се отворат архивите на регистрираните соработници, ако не се разобличат корисниците на информации и наредбодавците, ако се чепка само по архивите на жртвите кои биле предмет на обработка на тајните служби. Морбидна карикатура е лустрацијата во која провладините новинари имаат многу повеќе „релевантни“ (и дискредитирачки) информации од членовите на Комисијата за „лустрација“. А од каде ги добиле тие информации за медиумско линчување на „кодошите“? Од ДБК или од членовите на комисијата кои „кодошеле“, кршејќи го законот за „лустрација“?

Најпосле, во кој член од законот стои „дека доволно е да има досие во една од четирите институции за таквата изјава да не биде верифицирана“? Во кој член од законот стои дека жртвата може да биде лустрирана единствено врз основа на своето досие кое не го уништила (иако можела да го уништи), само врз основа на прекажаните искази (неретко „кодошења“) на нејзините џелати – истите оние кои макотрпно, и за пари, го формирале нејзиното досие? Парадоксот да е поголем, пред нашите очи се одвива лустрација на жртва на обработка на тајната полиција, која сега повторно станува жртва на лустрација, и покрај тоа што жртвата јавно објави документ од своето лично досие во кој пишува дека „Однос со органи за В(натрешни) Р(аботи) – немал (1.12.1983)“.

Зошто ваквата лустрација ја сметам за политичко-полициска злоупотреба? Настрадаа демократските процедури. Пак настрадаа жртвите, а беа „амнестирани“ министри и пратеници, од кои некои со децении биле обвинители и високи полициски функционери во времето на „комунизмот“. Нив влакно не им фали, тие си ги испраа рацете од злосторствата за време на „комунизмот“, а некои од нив повторно учествуваат во прогон врз идеолошка основа, при што се користат добро познатите „удбашки“ методи на прислушкување и јавно оцрнување, вклучително и „информативните разговори“. Иронично, најголеми жртви на „лустрацијата“ се сегашните критичари на режимот, кои претходно настрадале како критичари на поранешниот режим (овојпат беа жигосани со „автентични толкувања“ на „лустраторите“ кои немаат абер од човекови права). Истовремено, се амнестираат воени злосторници со „автентични толкувања“, а жртвите на најголемите повреди на човекови права се маргинализираат , игнорираат, забораваат (мачените, киднапираните, „жигосуваните“, внатрешно раселените).

Жртвите на инквизицијата биле прогласувани за виновни, доколку не го докажат спротивното. И жртвите на лустрацијата се прогласуваат за „кодоши“, доколку не го докажат спротивното. Пред векови, доволно било незасновано озборување или клеветење за некоја жена да биде прогласена за вештерка, и запалена на клада. Сега е доволно да те искодоши некој член на комисија, или да те наклевети некој на телевизија или интернет. За време на инквизицијата, идентитетот на сведоците бил чуван во тајност, за да се оневозможи одбраната. Сега идентитетот на соработниците се чува во тајност (нивните имиња во досиејата на жртвите се пречкртани), а лустрираните немаат пристап до информациите со кои располагаат лустраторите. Инквизиторите прифаќале како доказ и признанија изнудени со мачење. „Лустраторите“ прифаќаат извештаи од информативни разговори каде што жртвите биле со закани или уцени принудувани да даваат информации. На обвинетите од инквизицијата со векови не им било дозволувано да повикуваат сведоци во нивна полза. На жртвите од лустрацијата не им се дозволува да повикуваат сведоци во нивна полза, а страдаат во тајни кафкијански процеси во кои никој не знае врз основа на какви „строго класифицирани податоци“ се лустрираат (се разбира, освен подобните новинари на „пастирот“).

Според извесни проценки, Инквизицијата била одговорна за палење на околу триесет илјади вештерки во периодот помеѓу 1450-1600 година. Колку жртви на тајните служби настрадаа во Централна и Источна Европа, и колку допрва ќе настрадаат како резултат на политичко-полициска злоупотреба на лустрацијата?

Сиромаштијата во Македонија

Zarko Trajanoski

Еве колку сме сиромашни. Над 30% од населението не може да си дозволи ни 70% од подолунаведеното.

Секој член на домаќинство во 2010 година троши месечно во просек:

- 600 грама ориз


- 6 кг. леб


- 50. грама смоки


- едно пиле помало од 900 грама


- пола кило јунешко


- околу 200 грама телешко


- под 600 грама свинско


- 250 грама колбаси


- 100 грама кремвишли


- околу 200 грама посебна салама


- 85 грама паштета


- под 500 грама риба


- 3.4 литра млеко


- под 1.2 литри јогурт


- 600 грама сирење


- 220 грама кашкавал


- 16-17 јајца


- литро и пол масло


- кило јаболка


- кило грозје


- пола кило портокали


- пола кило банани


- кило лубеница


- кило друг вид овошје


- пола кило грав


- 600 грама кромид


- кило зелка


- пола кило краставици


- кило и пол домати


- две кила пиперки


- 2.2 кила компири


- 200 грама кафе


- под три литра газиран напиток


- 2.2 литра минерална вода


- една чаша вино од 200 милилитри


- 100 милилитри природна ракија


- еден литар пиво


- четири кутии цигари


- 100 грама чоколада


- 50 грама бонбони


- 50 грама сладолед

Приближна пресметка, според „Потрошувачка на домаќинствата во Република Македонија, 2010 http://www.stat.gov.mk/publikacii/4.4.11.01.pdf

Зошто СДСМ треба да избере нов лидер?

Zarko Trajanoski

Зошто СДСМ треба да избере нов лидер?

1) Затоа што токму Бранко Црвенковски повика на предвремени избори за „победничка Македонија“.

2) Затоа што тој беше главен носител на опозициската кампања за промена на власта - играч со најголема минутажа на теренот.

3) Затоа што не успеа да обезбеди доволно добар тим, програма и резултат со кој ќе го оправда повикот за предвремени избори.

Топ 5 лузери (2011)

Zarko Trajanoski

Откако по изборите во 2006 составив листа Топ 10 - лузери, решив истото да го направам и сега, но во скратена форма.

1. Најголем лузер е ВМРО – НАРОДНА ПАРТИЈА (ВМРО - НП), со освоени 28.217 гласа и ниту еден пратеник.

2. На второ место е ДЕМОКРАТИЈА Е РЕ – ПАРТИЈА ЗА НОВА ДЕМОКРАТИЈА, со освоени 19.958 и ниту еден пратеник.

3. Потоа следуваат ОБЕДИНЕТИ ЗА МАКЕДОНИЈА – ОМ, со освоени 17.081 гласа, и ниту еден пратеник.

4. По нив е ЛИБЕРАЛНО – ДЕМОКРАТСКА ПАРТИЈА – ЛДП, со 16.551, и ниту еден пратеник.

5. На петто место е ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ДОСТОИНСТВО – ППД, со 8.837 гласа и ниту еден пратеник.

Овие пет партии имаат освоено над 90.000 гласа и реално тежат десет пратеници. Доколку имавме една изборна единица, ВМРО – НП ќе освоеше 3 пратеника, ДЕМОКРАТИЈА Е РЕ – 2 пратеника, ОМ ќе освоеше 1 пратеник, ЛДП – исто така 1 пратеник, а ДОСТОИНСТВО за влакно ќе освоеше 1 пратеник. Околу 106.000 гласа отидоа во празно (за партии кои не се застапени во парламентот). Значи, најмалку 11-12 пратеника отидоа кај големите риби, кои ги изедоа помалите и ситните партии. Велам „најмалку“, затоа што НАЦИОНАЛНА ДЕМОКРАТСКА ПРЕРОДБА – НДП доби два, а тежи три пратеника.

Сите овие „лузери“ можеа лесно да бидат добитници, ако направеа коалиција меѓу себе или влезеа во веќе постоечките коалиции. Нашиот изборен модел, за помалите партии, го промовира слоганот: „Коалицирај, или исчезни!“

МВР тоне се подлабоко

Zarko Trajanoski

МВР тоне се подлабоко и подлабоко во тињата на себепротивречноста. Во официјално соопштение стои дека „уште од самиот почеток МВР тврдеше дека се постапува по случај кој се води како „незнаена смрт“ и дека по однос на тој случај се преземени сите неопходни мерки“ (Наспроти сите инсинуации полицијата го расчисти случајот за неполни 24 часа). Како може да се работи за „незнаена смрт“, кога смртта е констатирана од медицински лица во присуство на полициски службеници кои го презеле телото на убиениот од страна на осомничениот кој „се доближил до него и со употреба на физичка сила му задал неколку удари со тупаници и клоци на Мартин во пределот на главата и телото“? (Полицискиот службеник ќе одговара за убиство).

МВР тврди дека дознале за „насилната смрт“ дури 13 часа по настанот: „На повик на еден од инспекторите околу 13.45 часот, директорот на Институтот за судска медицина, побарал лично да се видат и околу 14.15 часот, односно 13 часа по настанот, вербално му соопштил дека станува збор за насилна смрт.“ (Наспроти сите инсинуации полицијата го расчисти случајот за неполни 24 часа). Како е можно бруталното насилство на полицаецот кое се случило среде плоштад, во присуство на илјадници очевидци и стотици полицајци, да остане буквално незабележано? Како е можно видливите траги на бруталното насилство да не бидат забележани и од медицинските лица кои констатирале смрт? Како е можно полицајците кои му помогнале на осомничениот - „двајца полициски службеници кои патролирале во близина и веднаш се јавиле во итната медицинска помош“ – да не ги забележат видливите траги на насилство и да не го задржат осомничениот поради сомнение дека сторил тешко кривично дело (тешки телесни повреди или свирепо убиство)?

Откако беше објавен на Окно мојот блог-пост CSI: Прашања на кои треба да добиеме одговор!, добив ваква критика: „ама не видов еден збор што ќе укаже на тоа дека ова убиство те засега како човек прво, ниту еден збор да искажеш сочувство!“. Мислам дека е крајно нечовечки да се упатуваат вакви критики. Да не ме засегнеше лично убиството, немаше да го напишам текстот, немаше да учествувам на протестите, ниту пак ќе учествував во организација на тркалезна маса на која беше зборувано за убиството. Написиве ги пишувам намерно крајно рационално, без никаква патетика, со цел да ги посочам прашањата кои воопшто не се расветлени (наспроти тврдењата на МВР дека случајот е расветлен во рок од 24 часа)
Слушам по телевизииве и на Фејсбук неаргументирани критики зошто немало реакции од невладините во врска со случаите Беќиров и „Поштарот“. Она што најмногу ме погодува е тоа што и некои радикални „активисти“ за човекови права од уста не ги симнуваат случаите со „Беќиров“ и „Поштарот“, а воопшто не се сеќавам дека некој од нив јавно реагираше на времето кога се обидувавме да ги актуелизираме овие случаи и кога баравме кривична и политичка одговорност.
Сите што обвинуваат за „политизирање“ на случајот, ги молам убаво да ја анализираат оваа изјава: „-Maртин таа вечер беше многу среќен. Купи 10 шишиња вино за да ги почести пријателите. Радосен, се качи на бината, сакаше да ја сподели радоста, оттаму го тргнаа и го убија. Тоа е вистината, низ солзи им соопшти на насобраните, Александар Нешковски.“ Најбесрамно нешто во моментов се обидите на гебелсовските пропагандисти за политичка дискредитација на сите што бараат професионално расчистување на случајот, одговорност од сите инволвирани, и воспоставување на ефикасен механизам за надворешна контрола врз МВР . Пропаганданата машина за забошотување на случајот, за деморализирање на протестантите и за дефокусирање од инволвираноста на МВР во кривичните дела (свирепото убиство, непријавувањето и прикривањето на убиството) работи со полна пареа уште од шести јуни.

Беспредметни се и расправите дали се протестира поради полициската бруталност или поради обидот за заташкување на случајот. Протестите, колку што можам да разберам, се и против полициската бруталност, но, и против обидот за прикривање на полициската бруталност. Токму затоа, барањата од петицијата се: и одговорност за конкретниот случај, и механизам за надворешна контрола на МВР. Малку ми е чудно тоа што дел од протестантите ја споделуваат перцепцијата која сака да ја наметне ТВ Сител. Имено, токму Сител го политизира случајот (особено со заклучокот: „Симпатизер на СДСМ убил симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ злоупотребувајќи ја својата полициска функција“). Токму Сител пропагира дека „и едните и другите се исти“ и ги вади од нафталин случаите „Поштарот“ и „Беќиров“.

Од моја гледна точка, ситуацијата е трагикомична. Забележувам, некои упорно се обидуваат да ја изишкаат пропагандната мува од капата, продолжуваат да го шират пропагандниот слоган „сите се исти“, бараат сега одговорност за случаи од пред 5-6-7-8 години, а никаде ги немаше тогаш кога малкумината активисти за човекови права баравме ефикасна истрага и кривична и политичка одговорност за таквите случаи.

Ете, се распишав, оти прашањава лично ме тангираат. Десет години се обидувам да се борам за стопирање на полициска бруталност и за граѓанска контрола врз МВР, се борев и за распуштање на Алфите од моментот кога беа формирани, продолжив и кога ме малтретираа и кога ме уапсија, и се радувам што борбата против полициското самоволие и полициската бруталност станува помасовна.

На крајот, една порака до сегашните борци за човекови права: Ако вашите постапки се раководени од стравот да не бидете „политички обоени“, пропагандната машинерија брзо ќе ве уништи. Да укажам, кога Хелсиншки комитет пишуваше против властите за случаите „Беќиров“,„Раштански лозја“, „Ел-Масри“, полициската тортура во 2001, прогонот врз „Лавовите“, случаите на полициска бруталност на „Алфите“, „Тигрите“ итн. - секогаш критиките беа упатени кон одговорните кои се на власт, никогаш кон оние кои се во опозиција. Имено, и сегашните власти се соодговорни за случаите „Поштарот“ и „Атентатот на Глигоров“ – затоа што и тие имале со години прилика да ги расветлат докрај случаите и да ги посочат одговорните.

Оние што се борат за човекови права, мора да станат имуни на било какво етикетирање и стигматизирање. Моето 10-годишно искуство ми кажува дека таквото етикетирање и стигматизирање е незибежно, кога јавно се бориш за човековите права. Ако почнеш да ја трошиш енергијата на докажување дека не си „партиски обоен“, тогаш пропагандистите ја постигнале целта - успешно те дефокусирале од твојата кауза. Практично, те замолкнале.

CSI: Прашања на кои треба да добиеме одговор!

Zarko Trajanoski

Истрагата за случајот на насилната смрт на скопскиот плоштад при прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ треба да одговори на следниве прашања:

1) Дали убиството е извршено „на свиреп или подмолен начин“ (за што следува казна затвор најмалку десет години или доживотен затвор)? Зошто никој не ја обезбедил потенцијалната „crime scene“ откако медицински лица констатирале смрт, и кој и зошто го одвлечкал телото на починатиот од сцената на злосторството?

2) Дали имало помагање во извршување на кривичното дело? Според Кривичниот законик (КЗ), за помагање се смета и „...однапред ветено прикривање на кривичното дело на сторителот, на средствата со кои е извршено кривичното дело, на трагите на кривичното дело...“.

3) Кои лица се одговорни за „Непријавување на кривично дело или сторител“? Во моментот кога било сторено кривичното дело, во близина имало голем број на службени лица и други очевидци. Според КЗ, „Службено лице кое свесно ќе пропушти да пријави кривично дело за кое дознало во вршењето на својата должност, ако за тоа дело според законот може да се изрече казна затвор од пет години или потешка казна, а делото се гони по службена должност, ќе се казни со парична казна или со затвор од една до три години.“ (чл. 364.)

4) Дали имало „Помагање на сторител во извршено кривично дело“? Според КЗ, „Тој што ќе скрие сторител на кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност или со прикривање на орудијата, трагите, предметите или на друг начин ќе му помогне да не биде откриен... ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.“ Но, „Тој што ќе му помогне на сторител на кривично дело за кое е пропишана казна доживотен затвор, ќе се казни со затвор од една до десет години.“ Во случајов, постојат повеќе индиции дека имало прикривање на убиство на свиреп и подмолен начин, кривично дело за кое е предвидена казна доживотен затвор. Оттаму, сите што помагале свирепото убиство да биде „заташкано“ цели 40 часа, треба да бидат осудени и да добијат затворска казна од една до десет години. Кои се мотивите на прикривањето на свирепото убиство, кое се случило пред да бидат објавени резултатите од страна на ДИК? Зошто кривичното дело е „признаено“ од страна на МВР дури откако е објавен извештајот на набљудувачите на ОБСЕ и по бурните граѓански протести?

5) Кои одговорни лица од МВР им дадоа на медиумите лажни информации на 06.06 дека не е сторено кривично дело убиство, туку дека на момчето „му се слошило“, и кои одговорни лица во МВР соопштија лажни информации дека „првични траги на насилство нема“?

6) Кои одговорни медицински лица констатирале смрт кај жртвата, и зошто истите не пријавиле дека смртта настапила како резултат на тешки телесни повреди?

7) Дали сторителот на убиството е дел од обезбедувањето на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, и дали во тоа време дејствувал во насока на обезбедување на премиерот или на други службени лица присутни на партиската прослава?

8) Дали апсењето на Љубе Бошковски е на некој начин поврзано со обидите да се прикрие свирепото убиство, односно, дали спектакуларното апсење и објавувањето на видео снимки од аспењето е обид да се пренасочи вниманието на јавноста од свирепото убиство на плоштадот додека ВМРО-ДПМНЕ ја прославуваше победата на изборите?

9) Кои одговорни лица издадоа наредба да се спречи продолжувањето на мирниот протест на група граѓани со поставување на полициска барикада пред зградата во која наводно живее премиерот и зошто портпаролот на МВР упорно ја дезинформираше јавноста дека некој „повикуваа на насилни протести“?

10) Дали во случајов имаме „злосторничко здружување“ на лица кои се организирале за да прикријат тешко кривично дело кое се случило на партиска прослава (и други со него поврзани кривични дела), со цел да се заштити ликот и делото на претседателот на партијата кој е истовремено и премиер на Република Македонија? Кои лица вршеле притисок кај родителите на жртвата и со какви мотиви?